Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ се формираше на почетокот на 2015 година по најавите за погубни потенцијални проекти долж брегот на езерото. Неколку млади охриѓани се мобилизираа на Фејсбук и заедно со активисти за заштита на животна средина од Скопје решија да отидат на првата јавна расправа за промена на Генералниот урбанистички план за Охрид 2014-2024 г. Оттука почна сè. Решивме дека нема да се регистрираме како организација и дека ќе постоиме како неформална граѓанска иницијатива која се состои од повеќе НВОа, активисти, научници, професори и загрижени граѓани. Решивме дека сакаме да практикуваме вистинска демократија кога веќе за тоа се бориме и затоа нашата иницијатива, односно активистичкото јадро од кое таа се состои, има целосна хоризонтална структура и одлуките се носат со мнозинско гласање. Меѓусебната интеракција ни се заснова на взаемна почит и солидарност. Имаме основни принципи од кои не отстапуваме и, со мали дигресии, успеавме да ги задржиме континуитетот и квалитетот на активностите подолго од 18 месеци. А тоа не е мал период да се задржи ентузијазмот кај група луѓе кои работат исклучиво волонтерски и во екстремно неповолни услови (закани, опструкции и сл.). Крајната цел ни е да ги спречиме сите „проекти“ кои може да му наштетат на регионот. Нашата визија за една од ретките локации во светот со двоен УНЕСКО статус на културно и природно наследство е претворање во светска дестинација за активен туризам кој се практикува со вистинска почит кон природата и со зачувување наместо со уништување на нашето најголемо и непроценливо природно богатство.