Што се Астални проекции?
Астални проекции или поетско читање на асталот, се книжевни собиранки секој прв вторник во месецот. Место на случувањето е арт-кафе Менада, кое секој вторник ги собира младите, и не толку младите поети, прозаисти, уметници, намерници во еден убав мек агол на сегашноста и ги проектира на поубави места.
Почна во јуни 2014, а годинава прославивме јубилејка од 30 Астални, односно три години постоење без никакви формалности. Духот и телото на овој настан сме ние двајца – Ана Голејшка и Ѓоко Здравески, и обајцата поети и луѓе во потрага по убавината на овој свет. Без публиката и нашите пријатели настанот немаше да го биде – им благодариме на сите што секој месец се со нас.
За овие три сезони/ 3 години откако постојат Астални, бевме дел од Автономна Зона, учествувавме во програмата на Филмскиот фестивал Манаки со Боооезија – Асталот е убав, како гости во Струмица на работилница за креативност, бевме и дел од Paratissima фестивалот, а многу често и по Асталните се продолжувало кај Тома во Канал 103, каде што во етерот сме ги читале убавините од вечерта.
Астални е платформа направена од љубов и уметност, ангажирана е да осветлува и просветлува, да искара, критикува, да направи пресек на времето и да послужи како иден пример за нови вакви настани, ослободени од секакви салонски фризури.